ПСЖ ЈА „РАЗМОНТИРА“ БАРСЕЛОНА СРЕДЕ ШПАНИЈА!

0 71

Фудбалерите на ПСЖ се радуваа на гостински триумф кај Барселона од 1-4 (1-1), во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите. Најатрактивниот пар не разочара, пружи одлична партија, со многу шанси, пет погодоци и убава игра. Иако Барселона поведе преку голот на Меси, Мбапе со три и Кин со еден погодок донесоа значајна победа на парижани на „Камп Ноу“ пред реваншот. 

Момците на Почетино отворија подобро, први се заканија на стартот откако лошо излета Тер Штеген, но Мбапе не ја искористи ситуацијата. На спротивната страна убава можност имаше Гризман, излета сам пред голот, ама од косо му додаде „тренинг“ топка на Навас. Следеше пак шанза за гостите, Икарди слично како Гризман, дојде во гол шанса ама биеше ужасно лошо. 

И покрај подобрата игра на ПСЖ, Барселона успеа да го отвори резултатот со голот на Лионел Меси од белата точка (1-0) во 27. минута. Најстрогата казна ја изнуди Френки Де Јонг, по еден ненамерен старт од Курзава, а иако моментот беше спорен, Куиперс досуди казнен удар и каталонскиот тим поведе. Барса можеше да удвои веднаш во наредната акција, Меси го искористи шокот на дефанзивците, го проигра Дембеле, а овој ужасно реагираше иако беше сам и можеше да биде опасен. 

Израмнувањето дојде веќе во 32. минута и беше дело на Килијан Мбапе (1-1). Акцијата беше мала мајсторија на парижани, по уфрлена топка во шеснаесетникот, Верати со многу чувство и еден допир го проигра Французонот, а овој ја прими топката, ги одбигна дефанзивците и погоди во мрежата на Тер Штеген. ПСЖ можеше да поведе пред паузата, се закануваше преку Курзава и Икарди, но не успеа втор пат да го скрши бедемот на домаќинот. 

На стартот од продолжението, по новата шанса на Гризман, неверојатна одбрана запиша Тер Штеген по ударот на Моис Кин и резултатот остана непроменет. 

ПСЖ сепак успеа да стигне до пресврт, Килијан Мбапе стигна до својот втор гол вечерва, откако добро ја следеше акцијата и ја искористи лошо одбиената топка од Пике, кој му ја „сервира“ на пеналтикот за лесна реализација (1-2) во 65. минута. Само пет подоцна, меѓу стрелците своето име го запиша и Моис Кин, по нафрлување од Паредес од слободен удар. Младиот напаѓач беше највисок во скокот и ја смести топката во голот на Барса за убедлива предност (1-3). 

Иако Барселона се обиде да наметне свое темпо, не успеа во тоа, па ПСЖ успеа да стигне и до нов погодок. Килијан Мбапе го комплетира својот хет-трик и погоди по асистенција на Дракслер, за убедливи 1-4 во 85. минута. Парижани потоа рутински го затворија натпреварот, сосема заслужено победија и со огромна предност од три голови ќе ја дочекаат Барса во реваншот во Франција

Постави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе